Европската комисија (ЕК) и „Астра Зенека“ постигнаа договор и со тоа го решија спорот околу испораката на вакцини. Постигнатиот договор предвидува дека до март 2022 година, „Астра Зенека“ ќе испорача 200 000 дози вакцини.
Со постигнатиот договор се стави крај и на судскиот спор што го поведе ЕК откако компанијата не го испочитува првичните рокови за доставување на вакцини за земјите-членки на ЕУ.
Со новиот договор фармацевтската компанија се обврзала дека ќе испорача 60 милиони дози до крајот на третото тримесечје оваа година (до крајот на септември), 75 милиони дози во четвртото тримесечје годинава (до крајот на декември 2021) и 65 милиони дози во првото тримесечје од 2022 (до крајот на март 2022).
Според првичниот договор од август лани, ЕК купи 300 000 дози вакцини од „Астра Зенека“ кои требаше да бидат испорачани до крајот на јуни годинава, но компанијата успеа да обезбеди само 100 000 дози, поради што беше поведена и правна постапка.
Завршувањето на спорот и постигнувањето на нов договор, се очекува да ѝ овозможи на ЕУ да го забрза процесот на имунизација. По договорот, еврокомесарката за здравство и безбедност на храна Стела Киријакидес рече дека помеѓу земјите од ЕУ постојат значителни разлики во процентот на вакцинирани, па затоа е од исклучителна важност да има достапност на вакцини, вклучително и од „Астра Зенека“.