Европската комисија во одговор за НОВА ТВ демантираше дека еврокомесарот Јоханес Хан во денешната изјава рекол дека предвремените избори ќе ги спроведува актуелната Влада на ВМРО-ДПМНЕ.
-Не, комесарот не рече дека актуелната Влада треба да ги спроведе предвремените избори. Комесарот Хан повтори она што беше договорено на средбата во Скопје. А тоа е дека ќе има нови избори во април 2016 година, дека ќе има зајакнување на изборните правила и дека треба да се индентификуваат неправилностите од претходните избори, дека Европската комисија ќе ги олеснува реформите на законите итн и дека партиите покажаа подготвеност идната недела да ја одлучат организацијата на владата која треба да ги подготви изборите, стои во одговор од ЕК на прашањето испратено од НОВА ТВ .
Европската комисија вели дека не е нејзина работа да одредува каква влада ќе ги спроведува изборите, туку тоа е работа на договор помеѓу македонските партии.
Ова следува откако Македонската радио телевизија денеска излезе со наслов „Јоханес Хан: Предвремените избори ќе ги спроведува актуелната Влада“.