-Обвинувањата за пристрасност на комесарот Јоханес Хан во македонската криза се комплетно неосновани а политичките лидери треба да се фокусираат на постигнување финален договор затоа што вперувањето прст кон комесарот не им помага и – уште полошо – не и помага на земјата, реагираше денеска портпаролката на Европската комсија, Маја Коцијанич, откако во некои македонски медиуми се појавија наводи дека еврокомесарот Хан имал бизнис интереси во австриска компанија која работи во Македонија.
Од Европската комисија велат дека комесарот, заедно со европските пратеници, земјите членки и САД, работел со напор и непристрасност за да се олесни компромисот помеѓу лидерите и ја имал целосната поддршка на земјите членки во овие напори чија цел била поддршка на земјата и граѓаните.
Фирмата со која некои македонски медиуми го поврзаа Хан е австриската „Новоматик“, која има казина во Македонија. На интернет може да се најдат информации дека еврокомесарот бил на чело на оваа фирма до 2003 година.