ЕК го потпиша првиот договор за набавка на вакцина за Ковид-19

by fokus

Во официјалното потпишување, денеска стапи во сила првиот договор што Европската комисија (ЕК) го преговараше за набавка на вакцина против ковид-19, соопшти ЕК.

Договорот е потпишан со британската фармацевтска компанија „Астра Зенка“ и предвидува набавка на 300 милиони дози на вакцината кои ќе им бидат достапни за земјите-членки на ЕУ кога таа ќе биде комерцијализирана. Има можност и за откуп на дополнителни 100 милиони дози.

Со овој договор, Европската комисија им обезбедува поевтин пристап на своите земји членки, но и на земји партнери со пониски приходи, како земјите од Западен Балкан.

Вакцината на „Астра Зенека“ е во втора и трета фаза на клиничко тестирање, а првите фази дале убедливи резултати, тврдат компанијата и ЕК. За развојот на вакцината компанијата ги здружи силите со Универзитетот Оксфорд.

-Комисијата без престан работи на тоа да им обезбеди сигурна и ефикасна вакцина на граѓаните против ковид-19 во најкус можен рок. Стапувањето во сила на договорот со ‘Астра Зенека’ е важен чекор во тој правец, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Преговорите со британската фармацевтска компанија ги започнаа Германија, Франција, Италија и Холандија, но потоа побараа од ЕК да го преземе договорот, кој таа денеска официјално го потпиша во име на земјите членки на ЕУ.

Комисијата преговара и со четири други светски фармацевтски компании кои, исто така, развиваат вакцина против коронавирусот за да обезбеди „разновидно портфолио“ на вакцини за граѓаните. Другите компании се „Санофи-ГСК“, „Џонсон и Џонсон“, „Модерна“ и „Кјур вак“.

Поврзани новости