ЕК го објави мини-извештајот: Северна Македонија треба да почне со преговори!

by fokus

Европската комисија го усвои мини-извештајот во кој ја повторува препораката за Македонија да почне преговори за членство во ЕУ. Документот се објавува во пресрет на состаноците на Советот на ЕУ кон крајот на месецот, на кои, според најавите, би можело да се донесе одлука за старт на пристапни преговори со Скопје и со Тирана.

„Во светлината на постигнатиот значаен напредок и условите што едногласно ги постави Советот на ЕУ во јуни 2018 г., кои беа исполнети, Комисијата во пакетот за проширување во 2019 г. препорача Советот да отвори пристапни преговори со Северна Македонија. Севкупно, Северна Македонија ги зајакна напорите и испорача натамошни опипливи и одржливи резултати во клучните области идентификувани во заклучоците од Советот од јуни 2018 г. Следствено, основите на препораката на Комисијата од 2019 г. за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија остануваат валидни“, пишува во извештајот.

Во него е наведено и донесувањето на Законот за јавното обвинителство.

„Целта на Законот, меѓу другото, е да обезбеди одржливо решение за случаите на СЈО и да воспостави одговорност за кривичните дела што произлегуваат од нелегалното прислушување“, стои во извештајот.

Во него се споменува и случајот „Рекет“.

„Летото во 2019 г. беа покренати сериозни прашања за т.н. случај „Рекет“ со тројца инволвирани, вклучувајќи ја поранешната специјална јавна обвинителка, обвинети за наводна изнуда и злоупотреба на службената положба. Еден од обвинетите призна вина и доби тригодишна затворска казна. Во случај поврзан со овој, потпретседател на Собранието е обвинет за измама и перење пари“, пишува во извештајот.

 

Поврзани новости