Потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, јасно порача попладнево дека Европската комисија смета дека Бугарија, Романија и Хрватска треба да станат членки на Шенген-зоната, јави МИА од Брисел.
Сепак, Схинас нагласи дека крајната одлука ќе ја донесат земјите членки на ЕУ.
-Проширувањето на Шенген-зоната кон Бугарија, Романија и Хрватска е приоритет, крајната одлука не зависи од нас, но ние постојано го браниме ова проширување и сме на ставот дека фактите јасно покажуваат дека тие се подготвени да се приклучат, изјави Схинас попладнево во Брисел одговарајќи на новинарско прашање.
Проширувањето на Шенген-зоната е дел од стратегијата на Европската комисија презентирана денес за зајакнување на овој простор, кој во последните години претрпе многубројни кризи, од бегалската криза во 2015 до хуманитарната во 2020, што доведе до многубројни воведувања на гранични контроли и ограничувања на слободата на движење.
Комисијата инсистира дека сега кога ЕУ полека излегува од ковид-кризата, треба да се вратат и да се зацврстат основите на Шенген, воедно гарантирајќи дека нема да се загрози суверенитетот на државите членки на ЕУ.
Три клучни столба ја сочинуваат стратегијата презентирана денеска: ефикасно управување со надворешните граници на ЕУ, зајакнување на внатрешните мерки за компензација на отсуството на внатрешни гранични контроли и обезбедување солидна подготвеност и владеење.
За Европската комисија, проширувањето на Шенген-зоната кон Бугарија, Романија и Хрватска не е само легитимно очекување на овие земји туку и законска обврска за ЕУ штом земјите се оценат како подготвени да влезат.
Кипар останува единствената земја за која Европската комисија смета дека сѐ уште не се исполнети условите поради специфичноста на состојбата таму.