Европската инвестициска банка, која е еден од финансиерите на проектот за пречистителната станица во Скопје, не пронашла никакви пропусти во целокупната тендерска постапка за изведба на проектот.
Ова го изјави потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, која по потпишувањето на грантот од 70 милиони евра кажа дека процесот на јавната набавка за пречистителната станица бил успешно завршен.
-Во текот на постапката и јавните набавки за пречистителната станица беа успешно завршени, не беа пронајдени никакви пропусти и добија зелено светло за потпис од страна на изведувачот и договорениот супервизор од Водовод – рече Павлова.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска, пак, од друга страна тврди дека евентуалните пропусти во процесот на јавна набавка за пречистителната станица биле спречени поради нејзиното навремено делување.
-Нема проблем затоа што не дозволивме да го има – рече таа.
Пречистителната станица беше предмет на големи контроверзии откако во октомври минатата година Арсовска го разреши директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Златко Перински, кого го обвини за самоволие и несоодветно постапување во тендерската постапка за изведба на проектот.