ЕХФ денеска објави дека Драган Начевски – претставникот на Судискиот одбор во Натпреварувачката комисија на ЕХФ е суспендиран од должноста, поради сè уште непотврдени информации за наводна вмешаност во нелегални активности поврзани со местење натпревари.
Како што е соопштено, одлуката била донесена по вчерашниот состанок на Извршниот комитет на ЕХФ во Виена, а по информации добиени претходно во текот на оваа недела од данската телевизија ТВ2, кои содржат „аудио и видеозаписи“.
Според информациите, Начевски во јануари 2020 година одржал средба со наводен бизнисмен, кој го убедувал дека може да внесе кинески ракометен тим во регионалната СЕХА лига. Според истиот извор, на средбата станало збор и за „местење натпревари“.
ЕХФ наведе дека на овој состанок „Начевски повеќепати одбил понуда да соработува во местење натпревари, но според доставените изјави од средбата, не се оградил во целост и со тоа испратил погрешен сигнал во контекст на својата функција“.
Од данската телевизија до ЕХФ се доставени и информации од анонимен извор, наводно поранешен судија, дека Начевски барал од него преку посредник да влијае врз местење натпревари.
Во соопштението се потенцира дека Начевски преку писмо ја известил ЕХФ дека никогаш не бил вмешан во местење натпревари.