Во тешки моменти, нашите историски претходници ја прилагодувале својата политика на реалноста, а не на прецртување граници, кои секогаш и секаде завршуваат во војна. Не припојување кон Бугарија, вели Гоце Делчев, туку независна (мултинационална) македонска држава. Не веќе Бугари, туку отсега Македонци, пишува Крсте Мисирков
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Тој што бил за поделба на Македонија по етнички линии во 2001 година е сѐ уште за таа идеја. Тој што бил против, останал против. Па, кој е во право? Бидејќи луѓето ретко ги менуваат своите ставови, пресудува реалноста.
Реалноста пресуди во полза на мултиетничка држава, а не во полза на етнички „чиста“ Македонија. За каква реалност зборувам?
Да почнам со меѓународната реалност. Ако ја немаш во поддршка на твојот план, воопшто не почнувај. За планот на поранешниот премиер и на дел од МАНУ никогаш немало меѓународна поддршка.
Кога се распаѓаше Југославија, таа пресуди административните граници на шесте републики да станат меѓународни граници. Тоа беше најекономично решение, во смисла, не само на финансиски трошоци, туку, пред сѐ, во човечки животи.
Тоа е решението применето, за првпат, во деветнаесеттиот век, кога се распаднало шпанското колонијално царство во Латинска Америка и требало да се исцртаат границите на идните суверени држави, решение наречено ути поссидетис.
Тоа е принцип во меѓународното право, кој, во мировен договор, на секоја страна му ја доделува територијата и сопственоста што веќе ја има под своја контрола. Имено, границите на новите суверени држави станаа дотогашните граници на шпанските провинции.
Истото начело се примени и при распадот на југословенската федерација. На конференцијата за Југославија не помина аргументацијата на Србија дека границите меѓу југословенските републики се само административни и можат да се прецртаат.
До каде што има Срби, до таму се границите на идната независна српска држава, беше тезата на Милошевиќ, на која се спротивставија меѓународната зедница и народите на мултинационалната федерација.
Македонската држава ја должи својата независност и на цврстиот став на големите сили дека нема отстапување од ова начело на меѓународното право. Но, таа поддршка за македонските граници беше условена со рамноправност на малцинските заедници во новите суверени држави.
Тоа е во духот на новите времиња.
АЛБАНЦИТЕ БЕА ЗАСТАПЕНИ 1 ИЛИ 0,1
Претставниците на Македонија изразија поддршка на тој принцип. Но, кога дојде момент на реализација, изгласавме Устав без согласност на претставниците на албанската заедница во парламентот и не мрднавме со малиот прст цели десет години да ја подобриме застапеноста на Албанците во државните структури, која тогаш беше 1 или 0,1 отсто веќе, не се сеќавам.
Значи, ако бараме грешка, грешката не е во непрецртување на границите во 2001 година, туку во тоа што десет години порано, македонските националисти во владата и во опозицијата не тргнаа во реформирање на политичкиот систем на земјата на еден инклузивен начин.
Укажувањето на меѓународната заедница дека не може да се одржи мирот во земјата на подолг рок без да е правично застапена втората по големина албанска етничка заедница во државните органи остана само како укажување.
Договор меѓу македонската и албанската страна немаше. Германскиот посредник Герд Аренс, кој, во рамките на конференцијата за Југославија, претседаваше со комисијата составена од Македонци и Албанци, во момент на искреност ми призна дека немоќно гледа како лизгаме кон конфликт.
Се однесувавме исто како што се однесуваме денес, кога ни се укажува дека нашата демократија е неодржлива на подолг рок без независно судство. Требаше да избие вооружен конфликт за да разбереме дека со 1 или 0,1 отсто полицајци од албанска етничка припадност не може да се одржува редот и мирот во места населени со Албанци.
Дека не само герилата во планините, туку и пратениците во парламентот ја откажуваа својата лојалност на македонската држава. Ама тогаш беше доцна за осмислени, долгорочно планирани реформи.
Отсуството на посветеност на европската идеја за инклузивно мултиетничко општество, во првите 10 години од независноста на Македонија ја произведе и војната.
Тука е грешката, а не во границите. И сега во зорт, за да се смири ситуацијата отпочна процес на забрзана трансформација, која наликуваше на состојба по пад на некаква брана, која носи сѐ пред себе.
Тоа не мораше да се случи ако ги разберевме внатрешните противречности на живот на различни нации под еден политички покрив и тргневме во пресрет на предизвикот со реформи. Тоа не го сторивме зашто, нели, „Ова е Македонија, а ако не ви чини, ене ви ја Албанија“.
„ЧИСТА ДРЖАВА“ – РЕЦЕПТ ЗА ВОЈНА
И кога пукна браната од нашата негрижа за правата и слободите на другите, некој побара спас во размена на територии и трансфер на население. Навистина, што ќе беше, ако беше?
Во општествените науки, за разлика од природните, не можеме да правиме експерименти за да видиме како би било кога на дело би се направел обид за таква поделба.
Но, имаме искуство од нашата поранешна држава Југославија. Пишувам, се разбира за Босна и за салфетката на која Туѓман црта нова граница во форма на латинично „С“, која ќе ја дели државата Босна меѓу Хрватска и Србија.
Али Фрањо, му вели претседателот на Македонија Киро Глигоров на Туѓман, биќе рата. Ма не, му вели тој, договориќемо се за трансфер популације.
И Босна, како и Македонија се земји со мултиетнички традиции. Тоа е нашата заедничка реалност. Во тешки моменти, нашите историски претходници ја прилагодувале својата политика токму на таа реалност, а не на прецртување граници, кои секогаш и секаде завршуваат во војна.
Не припојување кон Бугарија, вели Гоце Делчев, туку независна (мултинационална) македонска држава. Не веќе Бугари, туку отсега Македонци, пишува Крсте Мисирков.
Целта била да се сочува последната отоманска провинција во Европа од прецртување на границите од соседите. Условот да се сочуваат својата земја и своите домови бил прилагодување кон мултинационален амбиент. И пред 120 години и сега. Таква држава е комплицирана за управување, па и оттаму привлечноста на идејата за „етнички чиста“ држава.
Најдоброто решение за турската провинција, мултинационална Македонија ќе беше да станеше независна држава како соседните балкански држави, пишуваат членовите на Карнегиевата комисија, која дошла да пишува извештај по двете крвави Балкански војни за поделба на Македонија.
Зошто? Затоа што не ќе се случеа две војни во кои народите на Македонија меѓусебно се уништуваат наместо да градат заедничка држава во мир.
Идејата за една територија, еден јазик, една историја проектирана во национално измешан амбиент е рецепт за крвави војни, поделби, цртање и прецртување граници и трансфер на популација.
„Етнички чиста држава“, колку само „санитарно“ звучи ова на хартија, заклучува еден светски научен авторитет за меѓуетнички односи.
Затоа, никој да не верува дека доволно било во етнички зовриената 2001 да седнеле Македонците и Албанците околу маса наведнати врз картата на Македонија и Албанија за, со пенкала во рацете, да ја нацртаат новата реалност.