Доајенот на македонската народна песна Ефто Пупиноски во октомври заминува на турнеја во Австралија.
Заедно со него, нашинците ќе ги забавува и групата ,,Милениум’’ и планирани се концерти во поголемите градови како Волонгонг, Сиднеј, Мелбурн, Аделаид и Перт.
Организатор на турнејата е Македонското младинско друштво „Никола Карев“ од Мелбурн, а интересот за концертите бил голем. Пупиноски е присутен на сцената речиси пет децении. Зад себе ги има хитовите ,,Туѓа си бескрајно’’, ,,Лихнида кајче веслаше’’, ,,Пеј со добро вино’’, ,,Тинке, Катинке’’, ,,Прости ми душо моја’’ и други.
Пред четири години тој одржа голем солистички концерт и успеа да ја наполни Универзална сала. Исто така, кон средината на осумдесеттите години на минатиот век, тој беше првиот интерпретатор на македонски народни песни кој направи солистички концерт во Универзална.
-За Македонците во Австралија, октомври 2018 ќе биде најмаркантниот месец на деценијата, затоа што од Македонија доаѓа кралот и доајенот на македонската прекрасна песна, легендарниот Ефто Пупиноски, заедно со битолските шест златни маестрални музички момчиња од групата “Милениум” , кои со нивнате опојни песни, односно маестрални музички ноти ќе ги милуваат нашите носталгични разбранети чувства и непребол по нашата родна грутка Македонија – наведено е во најавата за концертите од страна на организаторите на настаните.
Вики Клинчарова