Популарниот фолк музичар Ефто Пупиноски ќе биде главната музичка ѕвезда на Велешка питијада. Настанот ќе се одржи од шести до осми октомври во Велес, а покрај него ќе гостуваат и Пајак и Лара, Бени и Нон Стоп, Елена Андоновска и Игор Димовски, а за дневни забави ќе бидат ангажирани DJ Popeye и The chicks.
Пупиноски периодов беше актуелен по повод откажаното учество на настанот во Пеленица, за време на прославата на Денот на независноста на Македонија.
Првично беше најавен настап на Јордан Митев, но откако нашинци во Австралија се заканија дека ќе ги бојкотираат настапите на сите музичари кои ќе пејат на настан организиран од општинската организација на СДСМ – Кисела Вода, Митев јавно се огласи и го откажа настапот, појаснувајќи дека не знаел кој организира, и пеел само на народни собири, а не и на настани во организација на политички партии.
По него, беше истакнато името на Пупиноски на плакатите за настанот, но и тој јавно се огласи и порача дека нема да настапува на прославата.
Кога е Велешка питијада во прашање, уште пред неколку недели велешкиот градоначалник Марко Колев за ,,Фокус” изјави дека за општинската манифестација на која се промовира велешкиот гурмански специјалитет – пита со свинско месо, ќе гостуваат само домашни музичари. Одлуката да нема странски музички гости била донесена со цел да се поддржи локалната економија и македонската песна. За настанот биле одвоени околу 57 илјади евра од општинскиот буџет.
Вики Клинчарова