Поранешниот разузнавач Маријан Ефремов, првообвинет во случајот „Шпион“, за кој веќе објавивме дека, пред еден месец излезе од затворот „Идризово“, откако доби прекин на казната во рок од 30 дена заради лекување, и понатаму останува на слобода. Иако овој рок е поминат, тој нема да се врати во затворот, бидејќи судот донел одлука да му го продолжи прекинот на казната.
Ефремов во затворот издржува 10,6 годишна казна, а досега зад решетки помина повеќе од четири години.
-Судија за извршување на санкциите донел решение за прекин на казната во рок од четири месеци заради лекување, не информираа од Кривичниот суд, додавајќи дека доколку во рок од три дена никој не го обжали ова решение ќе стане правосилно.
Од СЈО добивме потврда дека тие, како застапници на обвинението за случајот „Шпион“, дале позитивно мислење да му се продолжи прекинот на Ефремов.
Здравствената состојба на Ефремов беше нарушена уште во текот на судскиот процес поради што во неколку наврати се лекуваше на скопските клиники.
Неодамна Ефремов не се појави во Кривичниот суд, каде што требаше да се оддржи повторено судење за случајот „Шпион“, но само за шестмина од обвинетите, бидејќи Апелација одлучи од почеток да им се суди за едно кривично дело. За останатите кривични дела веќе имаат правосилни казни. Во целост, случајот, ќе се повтори само за обвинетиот Ѓoрги Хaџи Мицев.
На повтореното судење застапник на обвинението е СЈО, бидејќи тие, додека случајот беше пред Апелација, ја добија надлежноста врз овој предмет. Но наместо повторување на случајот, или укинување на казните, како што очекуваа обвинетите, од СЈО побараа само нивно намалување. Поточно, Апелациониот суд пред неколку месеци им ги намали казните на обвинетите во овој случај, а само за случајот го врати од почеток, уважувајќи ја неговата жалба.
За случајот „Шпион“ беа обвинети 18 лица за злосторничко здружување, шпионажа, злоупотреба на службената положба, уцена, измама и недозволено поседување на оружје.
Валентина Вурмо
Фотографија- Академик