Од утре започнува вакцинацијата на граѓани постари од 77 години во Кавадарци, а интересот за имунизацијата против Ковид-19 во градот бил голем. Околу 500 лица од оваа возрасна група веќе се пријавиле да ја примат првата доза од вакцината, и вакцинирањето ќе се одвива во простории во таканаречената стара болница во градот.
Директорот на кавадаречката болница, д-р Диме Коцев за ,,Фокус” вели дека има интерес и дневно се планира да се вакцинираат по 50 лица.
-Ме радува што нашите повозрасни сограѓани покажаа интерес и верба во науката. Како категорија која спаѓа во најзагрозените, ова ќе биде од големо значење за нив, за да можат да си го продолжат животот, кој поради пандемијата, токму оние ризични групи најмногу ги ефектираше. Подготвени сме да започнеме со имунизацијата, нашиот кадар останува на ниво на задачата – вели директорот.
На листата помеѓу пријавените за вакцинација има лица на возраст од 86, 88, па и од 90 години. Пензионери со кои разговаравме велат дека цела година им минала во изолација, и како едвај чекаат по примањето на двете дози на вакцината да си ги гушнат внуците, па и правнуците без страв.
-Да си поуживаме во друштво на нашите потомци, да прошетаме до градскиот пазар, да си поразговараме со наши врсници. Тоа ни останува во овие пензионерски денови. Премногу откажувања имавме изминатата година од овие, едноставни нешта, со верба во медицината и науката, без двоумење се пријавивме за вакцинација – ни раскажа пензионер кој е во своите доцни осумдесетти години.
Д-р Коцев појаснува дека и покрај примањето на вакцината, граѓаните не смеат веднаш да се опуштаат. Додава дека ова е само почеток, и како борбата за враќање во нормален тек на животот се уште трае.
-Ковид центарот во нашата болница работи со полна пареа. Вчера беше примен пациент од Валандово. Покрај редовните пациенти од Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман, сега имаме и пациенти од Градско, остануваме отворени и за поширокиот регион. Во тек на вчерашниот ден на ковид одделот беа сместени 71 пациент, имаме уште 24 слободни места – изјави тој.
Вики Клинчарова