Предупредувањето на Енерџи Деливери Солушнс АД (ЕДС) во изминатиот период дека поради акумулираните долгови за потрошена електрична енергија, дел од јавните институции и претпријатија неминовно ќе се соочат со прекин во испораката на електрична енергија, деновиве се реализира.
Со цел да се превенираат овие непосакувани акции за исклучување од снабдувањето со струја, ЕДС во изминатиот период во повеќе наврати апелираше за поголема ажурност на претпријатијата за навремено подмирување на сметките за електрична енергија, подобро планирање на буџетите за потрошувачка на електрична енергија и домаќинскотрошење на струјата.
Ја поздравуваме одлуката на Владата да ги помогне институциите кои беа исклучени од снабдување од страна на ЕВН, но истовремено апелираме дека е неопходно Владата да помогне и кај јавните претпријатија што должат и кон останатите снабдувачи со електрична енергија на македонскиот пазар. Интервенцијата на Владата не смее да биде селективна и финансиската помош за покривање на долговите за електрична енергија не би требало да бидат насочени само кон еден снабдувач.
Во оваа прилика, сметаме дека е неопходно да напоменеме дека сервисирањето на долговите за електрична енергија кои јавните претпријатија ги имаат акумулирано значи и одговорност кон граѓаните кои токму од овие правни субјекти добиваат витални услуги.
Токму во интерес на граѓаните кои ги користат услугите на државните институции и јавните претпријатија неопходно е што поскоро да се најде решение за нивните долгови за електрична енергија, кои што кај некои достигнуваат високи износи и со тоа ја загрозуваат испораката на струја и кон останатите клиенти и ја нарушуваат стабилноста на балансните групи во целост кај сите снабдувачи.
Во овој момент, балансната група која што ЕДС ја снабдува со електрична енергија ја сочинуваат повеќе од 550 правни субјекти, од кои над 200 се јавни претпријатија и институции.
ЕДС, која што веќе 10 години работи на македонскиот пазар по највисоки професионални стандарди, има целосно разбирање за предизвиците со кои што се соочуваат сите деловни субјекти во енергетска и во финансиска смисла поради зголемувањето на цената на електричната енергија. Поради тоа, кога ќе дојдеме во ситуацијата некои од клиентите да се соочуваат со проблеми при подмирувањето на своите обврските, работиме со нив да најдеме начин како соработката да продолжи, особено кога се работи за клиенти чија примарна дејност е давање услуги кон граѓаните и домаќинствата.
Но, во одредени случаи, и покрај нашите обиди да се дојде до заемно прифатливо решение принудени сме да ги искористиме законските решенија за раскинување на договорот или прекин на испораката кон некои од клиентите.
Затоа, како општествено одговорна компанија која што секогаш го има предвид интересот и на клиентите и на граѓаните, уште еднаш апелираме до надлежните органи,општините, јавните претпријатија и институции дека во постојните услови во енергетскиот сектор од клучно значење е редовното и навремено подмирување на сметките за електрична енергија, разумното и одговорно планирање на буџетите за потрошувачка на електрична енергија од страна на надлежните сектори и секако домаќинско трошење на енергијата.
ПР текст