„Едно општество за сите“ обезбедува еднаков третман на граѓаните, вели Заев

by Fokus

Денот на човековите права, 10 декември, е ден кога се потсетуваме на Универзалната декларација за човековите права на ООН која започнува со неприкосновената вистина дека „Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права“, напиша премиерот Зоран Заев на неговиот Фејсбук профил.

Принципите на еднаквост и недискриминација, наведува, се во суштината на секое општество и на секоја заедница без исклучок.

– Нивниот просперитет е невозможен без почитување на ова право кое вклучува решавање и изнаоѓање решенија за секоја форма на дискриминација, објави премиерот.

Заев посочува дека Владата спроведува политики и мерки за спречување на сите форми на дискриминација, со посебен фокус на унапредувањето на родовата еднаквост, борбата против родово базираното насилство, целосното имплементирање на Истанбулската конвенција и правата на маргинализираните и ранливите заедници генерално.

– Затоа Северна Македонија на овие теми е издвоена во регионот по постојаниот покажан напредок. Системските решенија значат и отворено партнерство со граѓанското општество кое посветено работи на постојано подобрување на специфичните проблематики. Отворениот дијалог со граѓанските организации и партнерите во општеството, гарантира континуирано унапредување на човековите права, вели премиерот Заев.

Концептот „Едно општество за сите“, освен што е модел што ги добива сите признанија во светот, истакнува Заев, воедно е и концепт за системски поставена превенција за сите форми на дискриминација и привилегиран пристап до услуги и права.

– Тој концепт е постулат на Владата на Република Северна Македонија, кој го обезбедува еднаквиот пристап и третман кон сите граѓани, гарантирајќи системска поставеност кон заштитата на правата на човекот, напиша претседателот на Владата на неговиот ФБ профил

Поврзани новости