Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против 28-годинишно лице за разбојништвото во маркет во Сандево, а за вториот осомничен постапката е запрена.
– На 2 декември, во маркет во скопското село Сандево, обвинетиот се заканил на вработената дека неспоредно ќе нападне врз нејзиниот живот и успеал да одземе парични средства во вкупен износ од 36.600 денари. Тој бил маскиран со црна „фантомка“, а во рацете држел кујнски нож, па оштетената, исплашена за својот живот, му ги предала парите, соопшти Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител до Судот доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице, бидејќи проценил дека се уште постојат основите кои го оправдуваат стравот дека тој би можел да се даде во бегство, да влијае врз сведоците и врз оштетената, како и да го повтори кривичното дело.
Во врска со истиот настан, надлежниот јавен обвинител донел и наредба за запирање на истражната постапка за уште едно лице, на возраст од 30 години. Во текот на истрагата било утврдено дека нема докази дека осомничениот го сторил кривичното дело, односно дека воопшто имал сознанија дека обвинетиот имал намера да го стори делото.