Седумгодишно дете е убиено, а три лица се ранети синоќа во руски напади во Запорожје во централна Украина, додека девет лица се повредени во Киев, објавија украинските власти, пренесува агенцијата Бета.
Киев беше цел на голем руски напад синоќа, па источниот дел од главниот град на Украина остана без електрична енергија.
Министерството за енергетика објави дека „Русите вршат масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура“ низ целата земја.
Украинските воздухопловни сили објавија на Телеграм за „напад со непријателски балистички ракети и масовен напад со беспилотни летала“, повикувајќи го населението да остане во засолништа.
Агенцијата Ројтерс објави дека официјални лица објавиле дека големиот руски напад врз центарот на Киев утрово предизвикал пожар во солитер и погодил енергетски објекти, како резултат на што делови од главниот град останале без електрична енергија.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјавил дека девет лица се повредени, од кои пет се однесени во болница. Според него, прекините во снабдувањето со електрична енергија и водоснабдувањето ги погодиле градските области на источниот брег на реката Днепар, која тече низ Киев.
Фотографиите објавени на интернет покажуваат станови во пламен додека пожарникарите заземаат позиции. Фрагменти од соборени беспилотни летала, исто така, паднале во неколку делови од градот, според Ројтерс.
Министерката за енергетика Светлана Гринчук објави дека руските сили нападнале енергетски објекти.
„Експертите за енергетика преземаат сите потребни мерки за намалување на негативните последици. Штом безбедносните услови го дозволат тоа, експертите ќе почнат да ја проценуваат обемот на нападот и да вршат реставраторски работи“, напиша Гринчук на Фејсбук.
Руските сили се пренасочија кон енергетската инфраструктура на Украина во последните недели, како што се приближува зимата во војната што трае повеќе од три и пол години. Масовен напад со ракети и беспилотни летала минатата недела погоди неколку од главните капацитети за производство на гас во Украина, предизвикувајќи значителна штета.
Тимур Ткаченко, шефот на воената администрација на Киев, рече дека во нападот врз главниот град, извршен кратко по полноќ, биле користени беспилотни летала и ракети.
Ткаченко рече дека пожарникарите успеале да го изгаснат пожарот предизвикан од дронот, кој ги зафатил становите на шестиот и седмиот кат од солитерот во централниот округ Печерск.
Во југоисточниот град Запорожје, беспилотни летала погодија неколку цели, повредија три лица и предизвикаа најмалку еден пожар во станбена зграда, објави регионалниот гувернер, како што објави Ројтерс.