Една понуда е пристигната до АД ЕСМ за набавка на мазут за производство на електрична енергија за време на грејната сезона од ТЕЦ Неготино.
Вториот повик за набавка на 150.000 тони мазут кој заврши минатата недела завршил со една понуда која е предмет на техничка и финансиска евалуација, информираат од државната компанија за производство на струја.
Како што велат од таму, ТЕЦ Неготино и натаму работи со еден котел, со максималниот инсталиран капацитет од 90 мегавати.
Пред десетина дена, директорот на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ изјави дека термоелектраната има резерви на мазут за 20 дена.
Oтворањето на понудите на првиот тендер беше закажано за 2 февруари, но на тендерот немало ниту една понуда, па се најави нов повик.
Инаку, за почеток на работата на термоелектраната во јануари беа обезбедени 38 илјади тони мазут, преку јавен оглас на АД ЕСМ.
Со последната одлука на Владата, ЕСМ ќе добије уште 47 милиони евра, со кои треба да купуваат струја, јаглен и да се покријат загубите на МЕПСО.