СДСМ е прва која го поддржа предлогот на помалите политички партии за една изборна единица, и тоа е наша програмска определба. Не може да биде предлог на ВМРО-ДПМНЕ, туку на СДСМ. Тие се сега гласни по тоа прашање зашто со ништо не се занимаваат освен со барања за предвремени избори, а нив ќе ги има во 2024 година, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на училишта во Прилеп, тој денеска оцени дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ е несериозна зашто постојано повикува на предвремени избори во време на пандемија и во најголема енергетска криза во Европа и кога е се уште присутна економска криза.
-Несериозно е зашто парламентарни избори имавме пред само една година, во 2020-та, кога се дефинираше комплетно легитимно парламентарно мнозинство кое сега е проширено со Алтернатива и има 64 пратеници во Собранието, рече Ковачевски, додавајќи дека СДСМ и коалициските партнери се зафатени со решавање на предизвиците претставени во владината програма што беше изгласана овој месец и дека се работи на приоритети – прво пандемијата, потоа енергетската криза, топлинската криза во град Скопје и економските предизвици со кои се соочуваат граѓаните и стопанството.