Една година стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детско село

by Fokus

„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ – моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.

Во годината кога брендот „Бекутан“ го слави својот 45-годишен јубилеј започна стратешката соработка со СОС Детско село – организација која во моментов води грижа за близу 500 деца и младинци во земјава кои се без родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители. Во декември 2022 година една од куќите на СОС Детско село, на локалитетот во населба Ченто, беше именувана во „Бекутан куќа“, за која компанијата стана клучен помагател и главен поддржувач, притоа градејќи искрени релации меѓу згрижувачкото семејство и вработените во „Алкалоид“ АД Скопје. Во рамките на јубилејниот проект, компанијата издвои преку 2 милиони денари наменети за секојдневно непречено функционирање на Куќата и на активностите поврзани со работењето на организацијата и на негувателите.

„Во декември минатата година, во пресрет на нашиот јубилеј – 45 години од постоењето на детскиот бренд ’Бекутан’ – започнавме со таканареченото кумство, т. е., во соработка со СОС Детско село, водиме грижа за пет дечиња на возраст од пет до тринаесет години и за сето она што е потребно околу нивното живеење таму. Во текот на годината се издвојуваше одреден процент од продажбите на нашата детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари, кои ќе му бидат донирани на СОС Детско село. Нашата соработка ќе продолжи и во текот на претстојната календарска година”, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид” АД Скопје.

Јулијана Накова-Гапо, национален директор на СОС Детско село, истакнувајќи ја својата благодарност за оваа соработка и потенцирајќи ја важноста на донаторската помош за децата згрижени во овој локалитет, изјави: „’Алкалоид’ како стратешки партнер на СОС Детско село веќе една година ја поддржува нашата кауза за помош на деца без родителска грижа преку најголемиот македонски бренд ’Бекутан’ и преку кумството на една куќа во СОС Детско село. Влијанието од поддршката на ’Алкалоид’ оди подалеку од финансиската помош – овозможува стабилност и развој. Му благодариме на донаторот за посветеноста на нашата кауза.“

Како дел од партнерството, освен финансиското олеснување на тековните трошоци, дополнително се обезбеди и континуирана едукативна поддршка за децата и се придонесе да се олесни пристапот до професионално советување и до третмани за совладување на развојните предизвици на децата во семејството.

Во рамките на СОС детското село беше прославен и првиот јубилеј на оваа хумана соработка преку изложба на цртежи, кои специјално за пригодата ги нацртаа дечињата од СОС Детско село, на тема „Љубов е…“, при што секој цртеж ќе биде награден од „Бекутан“, затоа што секое од децата е победник во мисијата наречена љубов! Сите прекрасни цртежи на дечињата ќе бидат претставени во дел од идните кампањи на компанијата „Алкалоид“ поврзани со детската колекција „Бекутан“.

СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и од разни форми на партнерства. Секој може да донира, а донираните средства се користат исклучиво за потребите на згрижените деца. Линкот за донации е: https://sos.org.mk/doniraj-33/

 

Поврзани новости