Една година предистрага: Ќе има ли докази за нарачателите и спонзорите на Марјан „Доказ“?!

Додека од Јавното обвинителство велат дека активно се работи на случајот, дека прибираат податоци и дека вршат проверки, „Доказ“ продолжува да врши „лов на вештерки“ и отстрел на „неподобните“, а во меѓувреме неговите спонзори остануваат официјално непознати и стискаат палци така да остане, пишува неделникот „Фокус“.

by Фокус

Јас сум производ на системот, целта беше да се убие гласникот, рече Марјан Стаменковски, познат како Марјан „ДоказМ“, осуден на правосилна пресуда на 2 години и 6 месеци затвор за текстовите со кои правеше јавен линч на познати и непознати. Но, повеќе од една година се води предистрага, која треба да ги открие неговите брифери, односно соработниците што му давале информации, а дел од нив и плаќале за нив. Додека од Јавното обвинителство велат дека активно се работи на случајот, дека прибираат податоци и дека вршат проверки, „Доказ“ продолжува да врши „лов на вештерки“ и отстрел на „неподобните“. Во меѓувреме, неговите спонзори остануваат официјално непознати и стискаат палци така да остане.

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Ако барате нарачатели, сите се нарачатели, нема партија, нема религија, нема нација, власт, опозиција, сите се нарачатели. Таков ни е народот, јас сум производ на системот, вели Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „ДоказМ“, кој е осуден на правосилна судска пресуда на две години и шест месеци затвор за ширење расистички и ксенофобичен материјал и пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

Ова е ретко вистинит муабет што го кажува Марјан „ДоказМ“ на поткастот на Љупчо Палевски-Палчо, осомничен за двојно убиство, наречен „Крш муабети“ во септември минатата година, кога Управата за извршување санкции му даде прекин на казната од 30 дена поради здравствени причини. Палчо, кој сведочел дури и во корист на Стаменковски пред суд, е во Турција и се чека негова екстрадиција, а Стаменковски е во затворот „Идризово“, каде што ја издржува затворската казна.

– Јас не ве сонувам за да ве објавам. Некој ми дојавува – зборува Стаменковски, кој бил особено навреден затоа што негови довчерашни информатори, пријатели и соработници пишувале најлошо за него и се сителе на неговото затворање, а претходно со ноќи дремеле на телефон со него, на чат и му дојавувале за швалерај. Целта на оние што ги испраќале овие „ниски“ информации била да го „оцрнат“, да му го извадат „валканиот веш“ на некој што им пречи лично или политички, за тие да бидат „поуспешни“ во гнилиот систем.

Во емисијата беа кажани имиња на новинари што давале информации за своите колеги. Некои од нив испраќале информации за да ги „оцрнат“ своите колеги, а Стаменковски тврдеше дека комуницирал и со поранешен лидер на партија, кој наводно му го купил и доменот за порталот, а лојален му бил и на друг лидер на политичка партија. Комуницирал и со обвинители и истражители во меѓуобвинителските „битки“ внатре во обвинителството. И кум за кумашин дури му давал информации.

Кога беше уапсен, пред повеќе од една година, скопското обвинителство отвори и втор предмет против Стаменковски, кој се очекува да ги открие токму нарачателите, соработниците, но и финансиерите што фатиле работа со Марјан „ДоказМ“. Јавноста очекува да се дознае и за потеклото на парите, односно за 74-те илјади евра, кои беа најдени при претресот во неговиот дом за кој Стаменковски тврди дека не му биле од рекет, туку тоа биле пари негови и на сопругата.

Шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски, во интервју за неделникот „Фокус“, на прашањето зошто вториот дел од случајот со Марјан „ДоказМ“ е сѐ уште во предистрага, неодамна објасни дека овој предмет е составен од три компоненти.

Во едната веќе имаме правосилна судска пресуда за неколку кривични дела и ефективна затворска казна.

Вториот агол се однесува на мотивите за објавување одредени написи на тогашниот портал „Доказ“, а третиот аспект е поврзување на пронајдените парични средства при претресот кај сопственикот на порталот со конкретните текстови објавени на порталот.

Таа конекција не е едноставно да се направи, бидејќи, освен материјални, потребни се и вербални докази, кои се прибираат – рече Бубевски во интервјуто.

„Фокус“ испрати дополнителни прашања до скопското обвинителство дали предистрагата се кочи поради одредени имиња меѓу нарачателите, но оттаму се децидни дека во ниту еден момент не е прекината или запрена и дека постојано се преземаат дејствија.

Сѐ уште во тек била анализата на податоците обезбедени при претресот, а се проверувале и приходите на Марјан „ДоказМ“ и неговото семејство.

„За еден дел од анализите издадена е соодветна наредба и до Министерството за внатрешни работи. Паралелно се прават и други проверки во однос на приходите на осомничениот и неговото потесно семејство. По целосна анализа на материјалот, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, велат за „Фокус“ од скопското јавно обвинителство.

При претресот на Стаменковски му беа запленети и компјутерска опрема и мобилни телефони, со чие вештачење најверојатно се открива со кој комуницирал и кој му давал информации. Но, засега не се открива кои му биле поткажувачите.

Според јавни признанија на Стаменковски, обвинувања и тврдења на луѓе од политичкото, економското и медиумското милје, како и неофицијални информации, меѓу бриферите на Стаменковски биле блиски роднини и соработници на еден поранешен премиер и партиски лидер, но и на лидер на опозициска партија со претензии да стане премиер.

Воедно, „на линија“ со него биле и други функционери преку посредници, како еден влијателен министер, градоначалничка на една од најголемите општини, ако не и најголемата. На овој список биле и одредени обвинители и судии, исклучок не биле ниту припадници на полицијата, а не недостигале ниту новинарски „бардови“.

Конечно, негови спонзори биле и неколку моќни бизнисмени. Еден од нив стана бизнисмен по повлекувањето од јавната функција во безбедносниот сектор. Другиот е долгогодишен, исто така, контроверзен бизнисмен. Двајцата порано беа пријатели, но нивните патишта се разидоа, сѐ додека повторно не ги спои црната листа на САД.

Со Стаменковски соработувале уште многу бизнисмени, меѓу кои еден од главните играчи во енергетиката. Сите тие првично му плаќале за да ги поштеди и остави на раат, но подоцна почнале да го користат како маша против конкуренти, противници и неистомисленици.

Нивниот идентитет е јавна тајна, но официјално треба да биде утврден и обелоденет преку официјална постапка, која веќе една година е во фаза на предистрага. Затоа, се поставува прашањето кога може да се очекува пробив, односно дали воопшто ќе има докази за нарачателите и финансиерите на Марјан „Доказ“?

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости