Една деценија откако храбри мајки од Струмица го кренаа гласот за правата на нивните деца: Постоиме и среќни сме што не сме повеќе невидливи!

by fokus

Пред десет години неколку храбри мајки на деца со Даунов синдром и жени ентузијасти од Струмица ја започнаа својата приказна основајќи го здружението ,,Вера”со цел да им помогнат, но и да им го олеснат животот на своите деца и на сите лица со посебни потреби.

Вчера во Струмица ,,Вера” го прослави својот јубилеј, една деценија постоење, во која со посветеност и многу труд зад себе остави големи позитивни промени во прифаќањето на лицата со посебни потреби од средината, но и нивно вклучување во различни сфери во општеството.

Забавата по повод роденденот на здружението за поддршка на лица со Даунов синдром се одржа во клубот ,,Платиниум”, каде освен децата и нивните родители, присуствуваа голем број на активисти, нивни поддржувачи и пријатели.

Претседател на ,,Вера” е Цвета Булатовиќ, жена со широко срце, која во периодот на основањето на здружението била воспитувачка на девојче со Даунов синдром, а воедно и единствената која го примила истото во градинка. Заедно со неколку мајки, кои биле незадоволни од третманот на институциите кон нивните деца и кои решиле да го кренат својот глас и да се борат за прифаќање на нивните деца како еднакви во општеството, тие се решиле на чекорот да се формира здружението.

Зад себе имаат голем број на успешни проекти во кои се вклучени децата со посебни потреби, но исто така и граѓаните на Струмица без многу двоумење им ја пружиле својата поддршка.

Четири изложби на слики од лица со попреченост, четири штафети на еднаквоста во Струмица, Радовиш, Валандово и Гостивар, три акции ,,Нахрани 10.000” во соработка со Црвениот крст, три модни ревии на децата кои беа придружувени од јавни личности и уште зад многу други настани стои здружението во изминатите десет години.

Од таму порачаа дека се среќни поради тоа што промените во Струмица се очигледни и нивните деца повеќе не се невидливи за општеството. Велат дека цел им е и во останатите градови да се формираат слични здруженија од страна на родителите, да се крене гласот и да се направи чекор напред во прифаќањето на нивните деца кои се рамноправни членови на нашето општество и не смеат да бидат занемарени.

-Ако кога го формиравме здружението постоеше некој вид на страв и несигурност, тоа повеќе го нема. Нашата општина покажа дека стои зад нас и нашите деца, редовно имаме морална поддршка, членови од општината секогаш се присутни на настаните организирани од ,,Вера”. Финансиска помош никогаш не сме барале, добиваме помош најчесто во вид на материјали, како на пример градероба и слично од општествено одговорни компании, од индивидуалци. Значи, нема никаква финансиска позадина во функционирањето на здружението, туку нашата мисија е децата да ни бидат прифатени.

Мораме да се заблагодариме и на премиерот Зоран Заев, кој уште во времето кога беше градоначалник максимално не поддржа, неговата поддршка ја имаме и сега. И покрај сите обврски, тој редовно наоѓа време за нас, за нашите деца и тоа многу ни значи. Во настаните се вклучуваат и училиштата од Струмица, има се поголема заинтересираност од целата јавност. Се надеваме дека ќе ги мотивираме луѓето и во останатите општини да го следат нашиот пример, да одвојат време за лицата со попреченост, да се потрудат да организираат настани на кои ќе се пренесе пораката дека овие деца постојат и заслужуваат еднакви можности – ни изјави Анче Туфекчиева, која е една од жените – основачи на здружението.

Вики Клинчарова

Поврзани новости