Околу 700 илјади Македонци или околу една четвртина од населението денес живее надвор од државата. Миграцијата од Северна Македонија во последната деценија се зголемила за пет пати во ЕУ и околу четвртина од работоспособното население заминува од земјата што влијае врз продуктивноста на самата земја, истакна Анита Рихтер, раководител на одделот за Југоисточна Европа на Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД на денешната презентација на Извештајот на ОЕЦД „Трудова миграција во Западен Балкан, мапирање на шемите, адресирање на предизвиците и користење на придобивките“.
Рихтер посочи дека големата дијаспора може да донесе значителни ресурси за својата земја на потекло. Посочи и дека потенцијалот на дијаспората на Северна Македонија е доста голем и оти околу три проценти од дознаките одат во земјата, но тоа е под просекот во Западен Балкан каде е околу 10 проценти.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, смета дека младите не треба да се задржуваат, туку треба да им се создадат можности што ќе им овозможат да го достигнат својот целосен потенцијал во сопствената земја, но во исто време ќе ги направи доволно конкурентни за светот.
– Скоро секогаш кога зборуваме за миграција ја слушаме и кажуваме реченицата „да ги задржиме младите дома“. Верувам дека секој во оваа просторија кој е родител или некогаш бил млад знае дека да ги задржиш било каде не е никогаш опција, истакна Битиќи.
Според него, тоа што мораме да го направиме како земја е да не ги избегнуваме нашите проблеми туку да се фокусираме на нив и да зборуваме отворено и најважно во дијалогот да ги вклучиме и младите. Тоа е она што го бараат младите од нас.