Едмонд Темелко по трет пат го освои градоначалничкиот мандат, односно тој повторно ќе седне на градоначалничката фотелја на единствената македонска општина во Албанија, Пустец.
Темелко беше кандидат на единствената партија на Македонците, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). За него гласале 2.076 граѓани, додека неговиот противкандидат Михалаќ Апостоловски од Демократската партија, освои 488 гласа.
Потврдувајќи ја веста, генералниот секретар на МАЕИ Васил Стерјовски се заблагодари на жителите на Пустец што дадоа максимална поддршка, пред се, за македонската партија со што и во наредните четири години општината ќе ја раководи МАЕИ.
Од партијата се надеваат дека и во Советот на општина Пустец ќе имаат мнозинство. Советнички места очекуваат во повеќе општини. Со свои листи за советници партијата учествуваше во 16 од вкупно 61 општина.
Едмонд Темелко е роден во Пустец во 1972 година, по занимање е дипломиран ветеринар. Првпат за градоначалник е избран во 2007, по вторпат 2011. За лидер на партијата е избран во 2009, а беше реизбран на Конгресот во 2013 година.