Директорот на “Дрисла” за увезениот отпад во Бугарија: Се надевам дека набргу ќе се расчисти се

by fokus

Бугарските медиуми објавија дека фирмата „Блацион”, стационирана во Софија, а чиј управител е македонскиот државјанин Блаже Игнатовски, увезла сомнителен отпад од Италија кој пристигнал во бугарското пристаниште Варна. Меѓу содружниците во фирмата е споменат и директорот на скопската депонија “Дрисла”, Горан Ангелов.

“Фокус” го праша Ангелов за коментар, а тој одговори:

-Немам коментар и јас разбрав за ова вчера од Бугарските медиуми. Јас мал содружник со 15% во таа фирма Блацион. Се надевам дека набргу ќе се расчисти сето ова, во интерес на јавноста, но и на нас, изјави директорот Ангелов за “Фокус”.

Медиумите во Бугарија објавија дека обвинителството во Варна покренало истрага за товарот по информациите за нарушување на редот за прекуграничен пренос на отпад.

Надлежната обвинителка Невена Илиева посочи дека отпадот што стигнал во Варна се разликува од декларацијата во царинската документација. Имено, наместо пријавените пластични отпадоци и каучук, во балите имало различни други текстилни, стаклени и дрвени отпадоци.

Според описот во Регистарот е наведено собирање, третман и трговија со отпад од домаќинствата, а сега истражните органи проверуваат дали фирмата „Блацион” имала лиценца за преработка на отпад и дали содржината на 25-те контејнери е во согласност со дозволата.

Друг прекршок во врска со овој товар е што отпадот не е вакумиран и балиран, како што налага законот за прекуграничен пренос на отпад.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости