Нови простории и опрема од денеска се во функција на Универзитетската ветеринарна болница за општи и специјалистички прегледи на домашните миленици. Болницата е опремена со најсовремена апаратура која е интегративен дел од Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје.
– Универзитетската ветеринарна болница сега има на располагање скоро 500 метри квадратни простории за вршење ветеринарна дејност кои сочинуваат една функционална целина која е единствена во земјава и пошироко во регионот со ваков капацитет, најави проф. д-р Лазо Пендовски, декан на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје.
Тој соопшти дека болницата е дизајнирана за општи и специјалистички прегледи на домашните миленици и е опремена со најсовремена апаратура, поседува две комплетно опремени хируршки сали со апарати за инхалациска анестезија, болнички стационар, стоматолошки кабинет, дијагностичка лабораторија со современи апарати за биохемиска, паразитолошка, микробиолошка и молекуларна дијагностика, нова опрема за рендген дијагностика како и ултразвучна и ЕКГ-дијагностика.
– Според регистарот на Агенцијата за храна и ветеринарство ова е единствената овластена Ветеринарна болница во државава која е одобрена од надлежните органи и има капацитети за сместување и нега на животни, објасни проф. д-р Пендовски.
Во Универзитетската ветеринарна болница работи високообучен тим на експерти, професори, соработници – докторанти, сите специјалисти од различни области, кои се обучени во најсовремените центри за третман на домашни миленици.
Во делот на болничко лекување, има посебен дел предвиден за сместување и терапија на животните, просторија за вештачко оплодување на животни со рана дијагностика на гравидитет, како и капацитети за дијагностика на малигни заболувања и хируршки интервенции.
– Сопствениците на домашните миленици, ќе добиваат совети и упатства за нивна нега и исхрана, превентивни вакцинации, контрола на паразити и најважно од се згрижување на итните и критичните случаи. Со ова, Факултет за ветеринарна медицина – Скопје значително го зголеми ветеринарно-здравствениот капацитет во нашата држава, а Универзитетската ветеринарна болница со своите капацитети, опрема и професионален кадар се потврдува како лидер во ветеринарната медицина со примена на модерна дијагностика, превентива и лекување на домашните миленици, додаде деканот Пендовски.