Од партијата Единствена Македонија на Јанко Бачев велат дека успеале да дојдат до недоамнешна анкета која, како што истакнуваат, ја нарачала владата на Зоран Заев, а која покажува дека 91 отсто од испитаниците се против влез во НАТО, а 80 отсто ќе го бојкотираат референдумот.
„Резултатите од оваа анкета владата ги крие, а во јавноста пушти лажна анкета преку свои платеници: Меѓународниот центар за меѓународна соработка, Агенцијата ‘М-проспект; која е во служба на СДСМ уште додека беа во опозиција, а Заев своевремено на двапати има добиено наменска награда од нив за таканаречен најуспешен менаџер во југоисточна Европа и владината телевизија ‘Телма’, со обезбедувањето на пропагандната подршка“, се наведува во партиското соопштение.
Од Единствена Македонија наведуваат дека марионетската власт во Скопје мора да е во очај штом со лажни анкети започнува специјална војна пред референдумот на 30 септември.
„Бојкотот на референдумот ништо повеќе не може да го спречи. Процесот е тргнат, храбро, решително и во интерес на народот, бидејќи, македонскиот народ и поголем дел од граѓаните не сакаат Македонците да бидат избришани од светската мапа на нации“, стои во соопштението.