Партијата на Јанко Бачев, која неодамна се преименуваше во Единствена Македонија по теркот на Единствена Русија на Путин, обвини дека премиерот Зоран Заев применува штетна тактика на екстремна кооперативност во спорот за името исто како не времето Киро Глигоров.
„Вчера во Давос Заев тргна по стапките на Глигоров и брзопотезно се согласи за промена на името на аеродромот, автопатот, а за возврат доби отворено мајтапење од грчкиот премиер Ципрас кој ќе се смилувал и ќе покажел добра волја штом Заев на своевиден начин призна дека сме грешеле во изминатите 27 години со инсистирањето да бидеме Македонци. Значи, од Македонија повторно отстапки и спремност за промена на името, а од Грција добра волја. Кога веќе тргнал да го менува името на автопатот, нек се вика „Геноцид“, како име за пат кој поминува и низ места во Беломорска Македонија каде се врши етничко чистење на Македонците во последните два века“, се вели во соопштението од Единствена Македонија.
Според партијата, ова се антицивилизациски и антимакедонски отстапки, кои, како што велат, ќе станат безпредметни со зачленувањето на Македонија во Евроазиската унија и воспоставувањето на стратешко партнерство со Русија.