Еден затвореник државата ја чини околу 2.100 денари на ден или над 10.000 евра годишно, во зависност од затвор до затвор. Моментално во државата има 2.400 затвореници и уште толку чекаат да влезат во затворите, изјави директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов.
Тој рече дека намалувањето на затворската популација може да се направи на три начини: преку условен отпус, електронски надзор и подобра ресоцијализација на осудениците, затоа што 60 проценти се повратници.
– За жал, Македонија досега требаше да има целосно нов затвор во Идризово, но освен фаза еден не е направено ништо. За жал, парите што се обезбедени сега се под мораториум. Следната недела треба да има контрола и се надевам да се одмрзнат тие средства следната година – изјави Пандов.
Околу 400 лица моментално имаат А-третман и тие, според Пандов, веќе користат отсуство и работен ангажман.
Паднов, меѓудругото, посочи дека ќе имаме и целосно ново притворско одделение за 400 лица во Идризово.
Во земјава моментално околу 50 лица издржуваат доживотни казни.