Еден загинат и 29 повредени во земјотресот во Турција

by vlatko 09:30
09:30

Едно лице загина, а 29 лица се повредени во земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала што го потресе синоќа регионот Баликесир и беше силно почувствуван во Истанбул и многу други градови.

Осумдесет и едногодишен маж почина откако беше извлечен жив од урнатините на станбена зграда во Сундерга, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

-Вложени се сите напори да се спаси откако беше извлечен жив од урнатините, но за жал тие беа неуспешни, изјави министерот.

Тој рече дека состојбата на 29-те повредени не е сериозна и нема опасност по нивните животи. Уништени се 16 згради во руралните области.

Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби соопшти дека операциите за пребарување и спасување се прекинати преку ноќ. Од соседните области е испратено засилување. Граѓаните се предупредени да не влегуваат во оштетените згради.

Опсерваторијата Кандили објави дека главниот земјотрес во регионот Баликесир бил проследен со три последователни потреси со магнитуда од 4,6, 4,1 и 4,0 и околу 15 со магнитуда над 3.

Слични вести