Битолчанецот К.К. (42) го загуби животот, а 19 лица се со тешки телесни повреди во сообраќајната несреќа која попладнево се случи на регионалниот патен правец Битола – Демир Хисар.
Од СВР Битола потврдија дека во сообраќајката која се случила во 14:57 часот учествувале патничко возило „пежо“ и комбе, и двете со битолски регистарски ознаки.
-Сообраќајна несреќа се случи меѓу комбе управувано од А.С. (25 г.) од селото Вирово, демирхисарско, кое пренесувало 18 работници од битолска фабрика, и патничко возило „пежо“ управувано од К.Ј. (36 г.) од Битола. На лице место починал совозачот на патничкото возило К.К. (42 г.) од Битола – потврдија од СВР Битола.
Екипа на битолската противпожарна бригада со две возила учестувале во извлекувањето на жртвата и на повредените лица.
Директорката на битолската Клиничка болница, Елизабета Ивановска изјавила дека на сите повредени во несреќата им е пружена итна медицинска помош.
„Во врска со сообраќајната несреќа кај Битола, јавен обвинител од ОЈО Битола изврши увид на лице место заедно со вешто лице. Издадени се наредби за прибирање на траги од лице место и проверка на крв и урина на возачите. Се постапува за расчистување на причините за несреќата“ соопштија попладнево од Обвинителството.