Едно лице загина, а две се повредени во напад со нож во хуманитарен центар во холандскиот универзитетски град Лајден. Хуманитарниот центар е управуван од црква, во кој се сместени неколку невладини организации. Напаѓачот побегнал пред да дојде полицијата на местото на несреќата.
Нападот се случил кога маж влегол во центарот и „од сè уште неразјаснети причини ја избодел жртвата, а потоа побегнал“, се вели во соопштението на полицијата, пренесува АП.
Според холандската полиција 66-годишен маж бил „толку тешко повреден што починал на самото место“, додека уште две лица се пренесени во болница, од кои едното е тешко повредено.
Центарот соопшти дека биле нападнати вработен, волонтер и работник во една од хуманитарните организации.
Полицијата ги предупреди граѓаните доколку го забележат напаѓачот да не му приоѓаат.