За време на примирјето меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, еден тон банкноти во вредност од 180 милиони израелски шекели, што е околу 45 милиони евра, биле пренесен од север кон југ на Појасот Газа за да се олесни економската состојба на луѓето од Газа.
Околу 900.000 банкноти од 200 шекели, тешки речиси еден тон, биле транспортирани во колона возила под обезбедување на ОН, а израелската влада знаела за акцијата.
Банкнотите се собрани од две филијали на Банката на Палестина на северот на Појасот Газа, а трансферот им овозможи на шесте банкомати кои сè уште работат на југот и централниот дел на Појасот Газа да издаваат готовина, пишува Financial Times.
Британскиот весник наведува дека целта на мисијата за пренос на банкноти била да се олесни економската состојба на населението на Газа, која што во поголем дел е зависна од готовина.
Според ОН, околу 80 отсто од граѓаните на Газа живееле во сиромаштија и се потпирале на меѓународна економска помош пред почетокот на војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.