Еден Словенец се удавил во поплавите, двајца Холанѓани ги удрило гром – не може да се стигне до луѓето во Словенија

by fokus

Најмалку три лица загинаа во невремето и катастрофалните поплави што ја зафатија Словенија, објави словенечката новинска агенција СТА.

Еден Словенец загина во областа Камник, а двајца Холанѓани во планините во областа Крање.

Околностите на смртта се уште се утврдуваат, соопшти полицијата за агенцијата.

-Се чини дека во Камник смртта е последица од поплави, а на планините од удар на гром. Околностите на смртта се уште се утврдуваат, изјави Маја Адлешич Циперле од полицијата.

Невремето се движи низ источна Словенија, а поширока евакуација почнува во Целје, каде без струја останаа речиси 12.000 корисници, додека на запад од земјата хидролошката состојба се смирува.

Поради ситуацијата во земјата, премиерот Роберт Голоб рано се враќа од одмор, соопшти неговиот кабинет.

Според податоците на Одделението за хидролошки прогнози на Агенцијата за животна средина на Република Словенија, тежиштето на врнежите се преселило над источна Словенија во последните неколку часа од басенот Колпа на југ до Корушка и Штаерска на север.

На овој простор забрзано растат реките и поројните потоци, особено Мислиња, Дравиња и Пешница Савиња во долниот тек, а поплавените површини во овој крај ќе продолжат да се зголемуваат.

Поплавите на Сава во голема мера се во средниот тек, каде ќе се задржат поплавените подрачја, додека во долниот тек поплавите ќе се интензивираат во наредните часови.

Поплавените подрачја покрај реките Мура и Драва низводно од браната Марковци благо ќе се зголемат, а регионалниот центар на Управата за заштита и спасување Марибор има евидентирано 90 интервенции од почетокот на ноќните обилни врнежи, но засега работите се под контрола и нема евидентирани се сериозни настани.

Командантот на Цивилната одбрана на Западна Штаерска, Јанез Меланшек изјави дека повеќето патишта во Горна Савињска долина се непроодни, до општините Солчава и Луча воопшто не може да се стигне, Мозирје е под вода.

„Во моментов, сепак, воопшто не можеме да им помогнеме на луѓето, бидејќи патиштата се затворени, мостовите се поплавени и целосно е невозможно да се стигне до таму“, рече тој.

 

Поврзани новости