Работник на возраст од 40 години почина и шестмина се повредени во Гевгелија кога вчера во попладневните часови настанал пожар во продавница за производи од железо, каде што тие биле вработени.
Според информации од полицијата, вчера околу 16 часот во Гевгелија, на улица „Маршал Тито“ во продавница за производи од железо настанал пожар при што вработениот Љ.А.(40) од Гевгелија починал, а со повреди се здобиле вработените А.Ј.(46), П.Д.(39), В.Б.(42), И.З.(42) сите од Гевгелија и М.Ј.(29) од село Прдејци.
По укажана лекарска помош во Општа болница Гевгелија лицата се пуштени на домашно лекување. Со повреди се здобил и В.Ј.(30) од Гевгелија кој, по укажана лекарска помош е пренесен во Комплекс клиники “Мајка Тереза” во Скопје. Причина за пожарот, според првичните сознанија е експлозија на плинска боца која В.Ј. ја донел за да се монтира горилник.
Од страна на Противпожарна екипа пожарот е изгаснат. Извршен е увид на местото на настанот, по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е дадено за обдукција.