Еден полицаец е повреден во експлозија пред синагога во Jужна Франција што се случила денеска наутро, изјави портпаролот на жандармеријата. Никој во синагогата во Ла Гранде-Мот на медитеранскиот брег во близина на Монпелје не е повреден.
Портпаролот на жандармеријата, дел од вооружените сили одговорен за внатрешна безбедност во некои области, првично не можеше да каже ништо за мотивот или дали станува збор за антисемитски напад.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин на социјалната мрежа Икс објави дека обидот за опожарување на синагогата е „очигледно кривично дело“.
Тој ги увери своите еврејски сограѓани и заедницата дека ја имаат неговата целосна поддршка. „Мобилизирани се сите средства за пронаоѓање на сторителот“, изјави Дарманин.
Најпрво пред синагогата биле запалени два автомобили, а во едно од возилата експлодирала плинска боца. Запалени се и две врати од синагогата. Сепак, не е јасно дали тоа се случило пред или по експлозијата.