Еден од притворените за протестот во Тетово штрајкува со глад во „Шутка“

by fokus

Блерим Ахмети, еден од организаторите на протестот во Тетово, од вчера штрајкува со глад во истражниот затвор „Скопје“, каде што се наоѓа во притвор.

-Притвореникот не извести дека ќе штрајкува со глад, поради што домскиот лекар секој ден ќе му врши прегледи за да се следи неговата здравствена состојба. Денеска ќе го известиме и судот за ваквата оддлука на притвореникот, изјави директорот на затворот Филип Андов за „Фокус“.

По протестите во Тетово петмина беа уапсени и им беше одреден 8-дневен притвор.

Тие учествуваа во протести на кои се бараше одговорност за трагедијата со пожарот во модуларната ковид-болница, а дел од демонстрантите се судрија со полициските службеници. Судирите со полицијата настанаа откако дел од демонстрантите се обидоа да стигнат до седиштето на ДУИ, а претходно фрлаа со јајца по општинската зграда.

Од Основното јавно обвинителство Тетово информираат дека по поднесена пријава од СВР-Тетово поведена е постапка против пет лица за кои постои основано сомнение дека за време на протестите во Тетово, одржани на 17 септември 2021 година, го сториле кривичното дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие од член 384 став 2 од Кривичниот законик“.

За четворица од нив постапка се води и за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедност од член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик“.

В.В.

Поврзани новости