Еден од осомничените за грабнувањето на Самоил фатен на Табановце и спроведен во Шутка

by Fokus

Александар Трпковски,  еден од осомничените за грабнувањето на Самоил Костадиновски, внук на сопругата на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски вчера бил фатен на граничниот премин Табановце.

Трпковски беше во бегство и се бараше со меѓународна потерница, а вчера порталот „Скопје 1“ објави дека сам се предал на полицијата и објави најава за емисија во која гостува тој. Од Министерството за внатрешни работи за „Фокус“ потврдија дека лицето било фатено и дека е спроведено во затворот во Шутка.

-На 30.09.2024 на Граничниот премин Табановце бил лишен од слобода А.Т. од Скопје по чл.123 во врска со член 19 од КЗ и член 141 од КЗ и е спроведен во КПУ Затвор Скопје, велат од МВР.

Од затворот „Скопје“ за „Фокус“ исто така потврдија дека од вчера утрото Трпковски се наоѓа во притвор кој му бил определен уште во 2023 година и кој стана извршен во моментот кога е најден.

Самоил беше пријавен за исчезнат на 4 март 2023 година, а исчезнувањето го пријавил неговиот брат кој кажал дека не се вратил дома и дека телефонот му е исклучен.

Пролетта беше изречена пресуда за неговото грабнување, но јавноста повторно не доби одговор што се случило со него. Осудени беа две лица на релативно ниски казни, но случајот е далеку од решен.

Постапката против Трпковски беше запрена додека по него се трагаше со меѓународна потерница.

Со оваа пресуда, дел од работите поврзани со овој случај станаа официјални, откако влегоа во обвинителниот акт, а судијката ги прогласи за виновни дваесет и седумгодишниот Виктор Миланоски и триесет и едногодишниот Саша Челикиќ, и двајцата од Скопје.

Миланоски е осуден за грабнување на пет години и десет месеци затвор, додека Челикиќ на две години и два месеца затвор за помагање при грабнување.

„Фокус“ пишуваше за овој случај, а од пресудата јасно беше дека младиот Самоил, заедно со други лица, учествувал во зделка за дрога. Се работи за 4 килограми хероин, кој бил земен, но не бил платен.

Притоа, еден од сведоците посредувал во купувањето на хероинот во Хрватска, а Самоил требало да ја плати дрогата вредна речиси 70 илјади евра на средба во хотелот „Русија“.

Според обвинението, на 3 март минатата година, Миланоски и Трпковски, заедно со други лица со непознат идентитет, го грабнале Самоил во близина на хотелот „Најс“ во скопската населба Припор. Го грабнале и му се заканиле дека ќе го убијат, а целта им била него, неговиот брат Мартин Костадиновски и Стефан Спасовски (веќе споменат како посредник) да ги натераат да го платат хероинот.

Хероинот, според обвинението, требало да биде платен на средба во хотелот „Русија“, но парите не биле предадени.

Возилото „волво“, црвен караван, со кое бил грабнат Самоил, го обезбедил обвинетиот Саша Челикиќ. Тој, еден ден пред грабнувањето, го побарал возилото на услугаи му го однел на Миланоски следниот ден околу 8.30 часот наутро.

Тогаш, всушност, почнала патеката на исчезнувањето на Самоил по која му се губи секаква трага.

Миланоски го оставил Челикиќ во близина на Министерството за економија, а додека возел со Самоил, се договориле сами да се најдат кај хотелот „Најс“ околу 9.30 часот.

Но, наместо сам, Миланоски таму дошол со Трпковски , кој го управувал „волвото“. Трпковски кај напуштениот хотел излегол од возилото, и по кратка средба со Самоил, заедно влегле во црвениот караван.

Трпковски го управувал возилото, а Самоил седел на задното седиште. Се упатиле во правец кон населбата Сопиште, преку местото Теферич, место кое не е многу населено. Оттаму продолжиле кон населбата Кисела Вода, потоа кон Пржино и Водно.

– Од таму се упатиле кон Водно и Козле, што се гледа од видеоснимките од безбедносни камери по што на Самоил му се губи секаква трага – рече обвинителот Петрески во завршните зборови.

Значи, Самоил бил последно регистриран на безбедносните камери некаде на Водно, а потоа бил однесен на непознато место, спротивно на неговата волја.

Неколку дена по грабнувањето, односно на 7 март околу 11 часот, братот на Самоил, Мартин Костадиновски, на неговиот телефонски број преку Ватсап, од број што припаѓа на серверот на Гугл, добил порака со содржина:

„Стоката што ја украдовте, ќе ја платите или со пари, или со крв, сите вие што сте биле во дослух, во договор, ние долгови не простуваме“. Пораката била напишана на хрватски јазик.

Братот на Самоил, пак, им пишал: „Дај ми доказ за Самоил дека е жив“. Сепак, не добил одговор.

Обвинетите на судењето тврдеа дека се невини, а истото го тврди и Трпковски за емисијата „Претрес“.

-Единствен проблем што било е тоа што тој (Самоил) бил со Виктор кој бил мој близок другар. Така излегов јас осомничен, мора Аце нешто да знае! Мора нешто Виктор него да му каже. Неговиот татко со моќта на Оливер Спасовски и Љубе Бошковски, ме става во делото, изјавил Трпковски во разговорот.

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Поврзани новости