Француската полиција го уапси рускиот тајкун Алексеј Кузмичев, еден од најбогатите руски олигарси и коосновач на финансискиот конгломерат Алфа Груп, пишува „Гардијан“. Како што се наведува, биле претресени два негови имоти како дел од истрагата за затајување данок, перење пари и прекршување на санкциите.
Француското финансиско обвинителство соопшти дека претресите биле извршени вчера во куќата на Кузмичев во Париз и имот во медитеранската област Вар. Кузмичев е во притвор, но пријава се уште не е поднесена. Неговиот адвокат Филип Бланшетие одби да го коментира случајот.
Кузмичев, еден од основачите на руската Алфа банка, беше санкциониран од ЕУ веднаш по почетокот на инвазијата на Украина поради неговите „добро воспоставени врски со рускиот претседател“. Според ЕУ, Кузмичев „активно материјално или финансиски поддржал и користел од руските носители на одлуки одговорни за анексијата на Крим или дестабилизацијата на Украина“.
Во истата пресуда, ЕУ ги санкционираше и партнерите на Кузмичев во Алфа банка, Михаил Фридман, Герман Кан и Петар Авен. Француските цариници минатата година ја запленија 26-метарската јахта La Petite Ourse на милијардерот. Магазинот „Форбс“ наведува дека 61-годишниот Кузмичев, кој ја основа Алфа банка во 1990 година, е 61. најбогат човек во светот, со вкупно богатство од 5,3 милијарди фунти.
Откако му беа воведени санкции, Кузмичев минатата година ги продаде своите акции во банката на Андреј Косогов, акционер на Алфа банка, кој не е под санкции. Кузмичев е еден од ретките санкционирани руски олигарси кои останаа во Европа по почетокот на војната во Украина.