Низ вратите влегоа 10 души, маскирани, со бејзбол палки, накострешени и спремни за акција. Некако ги избуткаа луѓето кон едниот крај на автобусот а двајца од нив истовремено извикаа: „Сега сте наебале.“ Толку синхронизирано извикаа, ко да вежбале пред да се качат. И така, они како гладни волци на едната страна, а ние како престрашени овци на другата, го чекаме мигот на физичко соочување.
Во тој момент еден глас од нашата група извика: „А бе, луѓе, маскирани луѓе, зар нели ја гледате дигиталната порака што оди во автобусот. „Град без насилство“? Зар нели тоа нешто ви значи? Сите маскирани наеднаш се свртеа, ја прочитаа пораката, имаше молк од неколку секунди, се свртеа кон нас, ги извадија маските, ги фрлија палките и ни понудија топла прегратка. Како мајка дете од школо кога ќе го земе. Е таква. Прегратка полна љубов, што преку пораката се преточи во групно гушкање, зезање и запознавање едни со други. Наеднаш бевме толку сплотени како УМС. Една бабичка дури и извади рефус колачиња од својата торбичка и сите не почести, со цел да се заблажиме за благосостојбата која се доживуваше во автобусот. Наеднаш од радиото почна да свири и македонска музика, а сите ние сите, гушнати, почнавме да пееме, да играме, онака со рацете како топки да правиме, да клекнуваме, па возачот тргни застани ни правеше, па еден демек паѓа, па сите се смееме како да сме сите најдобри другари кога немаат што да прават па гледаат смешни клипчиња на youtube. Па еден почна кажи С, сите ние С. Кажи Т, сите ние Т. Кажи О, сите ние О. Кажи П, сите ние П. И наеднаш сите заедно ЗА НАСИЛСТВОТО! ЗА НАСИЛСТВОТО! Па возачот застана, отиде да купи шампањско, па се напивме, а со остатокот се прскавме како возачите од формула еден.
За миг целата наша забава ја прекинаа двајца контролори кои побараа билети за возењето. Повеќето имавме, а дечките со маските немаа, па набрзина се роди идеја и секој од нас приложи по неколку ситни пари, и така собравме доволно за и нашите нови другари да си купат билети. Останаа и нешто пари, кои со нив, маскираните лица ветија дека штом се симнат од автобус ќе одат да купат цвеќе и го положат пред споменикот на Мајка Тереза во знак на добрина и сплотеност.
Искрено, јас ваков ден не сум доживеал или видел некаде на друго место по интернетов. Една симболична и толку неприменлива мерка за справување со насилството која секој ден ѕуни низ градските автобуси ја смени и извлијаи врз темпераментот на неколку маскирани момчиња кои, од што немаа што да прават, спонтано се собрале, по пат нашле палки и решиле да тепаат кого стигнат во автобусот. Но, ете, пораката беше толку моќна што работите се променија и со нејзина помош, еве, сите ние сега што бевме сведоци на тој мил настан и што може да го раскажуваме док сме живи, можеме да живееме мирно во нашето општество кое е симбол на град без насилство, полно со љубов, толеранција и почитување.