Помина нешто повеќе од еден месец откако работната група составена од претставници на најголемите четири политички партии се состанува и се обидува да договори на кој начин да го спроведе договорот од Пржино. Како и секое претходно договарање меѓу македонски политичари, и ова е под надзор на странски експерт, во случајов, Питер Ванхојте. Интересни за јавноста беа неофицијалните информации дека тој во неколку наврати морал да ги „искара“ членовите на работната група, бидејќи си играле на мобилните телефони. Тие пак, се бранеле дека фаќаат забелешки.
Што се однесува до досега договореното за спроведување на договорот, работната група е блиску до конечно решение само за начинот на прочистување на Избирачкиот список и за составот на Државната изборна комисија. Избирачкиот список ќе се ревидира со активно регистрирање на гласачите и со теренска проверка. Останува уште партиите да се согласат по прашањето дали регистрацијата би била задолжителна или не. Државната изборна комисија наместо досегашните седум члена, ќе има девет и тоа три члена да предлага власта, три опозицијата, а тројца да бидат независни експерти.
На повидок нема договор за гласањето на дијаспората. ВМРО-ДПМНЕ инсистира тоа да се спроведува како и досега, односно дијаспората да добие тројца пратеници во Собранието. На ова се противи СДСМ, која смета дека на овој начин доаѓа до нееднаквост на гласовите, бидејќи пратеник во изборните единици се станува и со 600 гласа. Опозициската партија предлага гласовите од дијаспората да се претопат со оние од Македонија, со што сите гласови би имале еднаква тежина.
И по вчерашната средба, продолжи праксата претставниците на политичките партии да не даваат изјави за тоа што се разговарало. Единствено белгискиот експерт Питер Ванхојте ги удостои новинарите кои и по пет часа чекаат пред Клубот на пратеници. Тој рече дека на последната средба бил постигнат сериозен напредок за изборниот законик.
– Има сериозен напредок во разговорите, бидејќи сите партии учествуваат многу активно во моментот на дискусиите. Нема расправии, има сериозна, интелектуална дискусија, изјави Ванхојте.
Денеска работната група повторно ќе се состане и овојпат ќе се договара како да го спороведе договорот за специјален Јавен обвинител. И по ова прашање ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат дијаметрално спротивни ставови. Неофицијално, владејачката партија ќе бара специјалниот обвинител кривични пријави да може да поднесува дури по изборите во април. СДСМ бара тој веднаш по изборот да почне со работа и притоа да не треба да одговара пред Јавниот обвинител.
Договарањето за договорот од Пржино продолжува, најверојано без транспарентност и без официјални изјави од главните актери-преговарачи за тоа како планираат да ја извлечат Македонија од политичката криза во која ја внесоа. А, ја внесоа на ист начин: без транспарентност и без одговарање пред граѓаните.
Катерина Смилева