Еден лекар лекувал дури 103 заразени од ковид

by Fokus

Откако во Македонија започна ковид пандемијата се поалармантна е бројката на починати пациенти, која веќе долг период не се симнала под 20 пациенти на дневно ниво, а црн рекорд беше постигнат кога имаше над 40 починати за само едно деноноќие.

Во анализираниот период во ковид-центрите ширум државава починале вкупно 3.139 пациенти, или во просек 17,4 пациенти дневно. Тоа значи дека во просек починувал еден пациент на секои шест хоспитализирани.

 

Највисока стапка на починати имало во Клиниката за нефрологија и ГОБ „8 Септември“, каде што починувал секој трет хоспитализиран пациент. Најниска стапка на починати е забележана во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, каде што имало еден починат на секои 31 пациент, се наведува во извештајот на ЦГК..

Како што сѐ повеќе се зголемуваат бројките на заразени пациенти, така се намалуваат здравствените капацитети, а со тоа доаѓа до израз и недостигот од лекари и медицински кадар во болниците низ земјава. Ова не е нов проблем, но најмногу се почувствува за време на ковид-пандемијата.

Уште пострашно е и тоа што многу од здравствените работници што беа во првата борбена линија се заразија, па некои ковид-центри беа доведени до ситуација и да нема кој да работи.

Во 26-те ковид-центри што ги доставија податоците за бројот на лекари, во анализираниот период биле ангажирани вкупно 822, или во просек 32 лекари по ковид-центар. Најмногу лекари, 211, биле ангажирани во ГОБ „8 Септември“, додека најмалку, шест лекари во кичевската Општа болница.

Од друга страна, во однос на бројот на медицински сестри што биле ангажирани во шестмесечниот период во 26 ковид-центри, таа бројка достигнала вкупно 1.698, или во просек 65 медицински сестри по ковид-центар. Најмногу од нив биле ангажирани повторно во ГОБ „8 Септември“, дури 380, додека, пак, најмалку во болницата во Дебар и во тетовската Клиничка болница само 11 медицински сестри.

Според анализата, просечно во ковид-центрите имало еден член на медицинскиот персонал на секои шест пациенти, еден лекар на секои 22 пациенти, како и една медицинска сестра на секои 10 заразени.

Исто така, на Детска клиника, на секои три пациенти имало на располагање по еден лекар, додека на Клиниката за инфективни болести имало по еден лекар на 103 пациенти“ се наведува во извештајот на ЦГК. 

Ирена МУЛАЧКА

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Проектот „Набљудување во ризични области од корупција: здравство и животна средина“ е реализиран од Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата, финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија.

„Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондација Отворено општество – Македонија“.)

Поврзани новости