Енергичните „Brass Brothers“, кои веќе подолг период се омилени музички гости во локали, но и на приватни забави, ја објавија новата авторска песна ,,The spark”.
За истата е снимен и видео запис, во кој се вметнати сцени од нивни настапи, а кој се споделува на социјалните мрежи.
Ова е четврта песна за оваа година на бендот, чија популарност се повеќе расте. Претходните песни ,,Take my hand”, ,,Inseparable” и ,,Winner” веќе се најдоа на светски музички листи.
Дувачките инструменти и динамичните настапи кои никого не оставаат рамнодушен се заштитен знак на ,,Brass Brothers”.
Бендот изминатиот период гостуваше на повеќе општински манифестации и фестивали, и е еден вид на освежување на македонската музичка сцена.
Членовите се професионални музичари, и тоа четворица битолчани – Горан Мицевски Кус (тромбон), Костадин Бетоски (саксофон), Николче Михајловски (Dj) Ник де Карло (туба) и еден кавадарчанец – Пере Мелов (труба).
Со настапи започнале речиси пред една деценија, и покрај авторските песни, изведуваат светски популарни хитови во свој аранжман. За време на нивните настапи речиси е невозможно да се стои во место, секогаш умеат да ја разиграат публиката, а ја размрдаа и естрадната сцена во Македонија.
Наредниот период веќе имаат закажано голем број на гостувања, и најавуваат нови музички материјали, во нивниот препознатлив стил.
Вики Клинчарова