Вкупно 22 лица загинале, а повеќе од 100 биле повредени во синоќешните израелски напади врз центарот на Бејрут, соопштија либанските власти. Висок функционер на Хезболах избегнал обид за атентат, јавува Ројтерс, повикувајќи се на три безбедносни извори.
Либанското министерство за здравство извести и за 117 ранети. А меѓу загинатите има и осумчлено семејство, вклучително и три деца, кои се евакуирале од југот, според безбедносни извори.
Во јужен Либан, двајца мировници на Обединетите нации беа повредени кога израелски тенк пукаше на набљудувачка станица во седиштето на силите во Накура. ОН соопштија дека нивниот персонал се соочува со зголемена опасност.
Израелските напади погодија густо населена област со станбени згради и мали продавници во центарот на Бејрут.
Израел не издаде предупредувања за евакуација пред нападот и претходно ја немаше нападнато областа, која е далеку од јужните предградија на Бејрут, каде Израел постојано го бомбардираше седиштето на Хезболах.
Хезболах, милитантната група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан, е прогласена за терористичка организација од страна на САД, додека Европската унија го стави на црната листа само нејзиното вооружено крило, но не и партијата што има членови во либанскиот парламент.
Вафик Сафа, кој ја предводи единицата за врски и координација на Хезболах одговорна за соработка со либанските безбедносни агенции, во четвртокот вечерта беше мета на Израел, но преживеа.
Обидот за атентат врз Сафа, чија улога ги спојува безбедносните и политичките работи, означи проширување на израелските цели меѓу претставниците на Хезболах, кои претходно се фокусираа на воените команданти и врвните лидери на групата, наведува Ројтерс.
Конфликтот меѓу Израел и Хезболах избувна пред една година, кога групата поддржана од Иран, отвори оган во поддршка на палестинската милитантна група Хамас на почетокот на војната во Газа.