Следната година за претседател на САД најверојатно ќе се тркаат Џозеф Бајден или Доналд Трамп, но независниот кандидат Роберт Кенеди Џуниор би можел да го промени исходот од претседателските избори во 2024 година, пишува Си-Ен-Ен.
– Би било глупаво да се отфрли она што ни го кажуваат анкетите: Роберт Кенеди Џуниор има поголема поддршка од кој било независен кандидат во последните децении – се наведува во анализата.
Според некои истражувања на јавното мислење, Кенеди моментално има поддршка од 22 отсто од гласачите, а последниот независен кандидат кој имал повеќе од 20 отсто поддршка една година пред изборите бил Рос Перот во 1992 година, кој освоил 19 отсто од гласовите.
Истражувањето на Њујорк тајмс и колеџот Сиена покажа дека Кенеди Јуниор има поддршка од најмалку 25 отсто од гласачите во клучните држави каде Бајден го победи Трамп во 2020 година – Џорџија, Аризона, Висконсин, Пенсилванија, Невада и Мичиген.
Си-Ен-Ен наведува дека Кенеди најверојатно нема да биде новиот претседател на САД, но посочува дека неговиот изборен резултат ќе биде важен, бидејќи би можел значително да влијае на исходот од претседателските избори.
Се додава дека вреди да се разговара за независните и кандидатите на помалите партии, бидејќи е многу поверојатно од претходно да земат голем дел од гласовите од главните партии, Демократската и Републиканската, од кои многу Американци се разочарани.
– Доколку политичките аналитичари не го земат предвид фактот дека некој како Кенеди добива повеќе од 20 отсто на некои анкети, можеби нема да им биде јасно што ќе се случи во 2024 година – се наведува во анализата.