Каде е границата кога совеста почнува да работи, да тишти, да не ти дава сон, да те предизвикува на мегдан? Кoja е границата што ти, „чуварот на јавниот ред и мир“, не можеш да ја преминеш? Дали е тоа гласот на поранешната министерка во „бомбите“, каде што отворено говори со омраза кон сѐ што не е ВМРО и заташкува убиства? Или можеби гласот на „водачот“ Груевски, кој ја крсти и прекрстува земјава, нарачува динамит, шамари, менување Дупови, или разговара за „масерите“ во мерцедесот ? Која е тенката линија преку која твојата совест нема да пречекори?
Пишува: Синоличка ТРПКОВА
Од Платон до денес, човечкиот материјал не е многу променет. Еволуцијата, за некои, изгледа застанала во моментот кога мајмунот станал човек. Така престанало влијанието на природните фактори и човекот си ја презел судбината во свои раце, односно почнал свесно да го обликува својот еволутивен развој.
Мојот омилен филмски лик – Раст, од една од најгледаните ТВ серии „Вистински детектив“, во една сцена вели: „Мислам дека свесноста е трагична грешка во човековата еволуција“. И можеби исказот немаше да ја има силата ако не беше директно кажан од борецот против злото, детективот и полицаец Раст.
ЗАКОНОТ НА СЛЕПА ПОСЛУШНОСТ
Не знам навистина дали таков полицаец постои, длабоко свесен за злото против кое се бори. Кој има моќ да направи еволутивен исчекор од полициски „аскер“, што само слуша и спроведува наредби, да се одметне и да стане совест на општеството и на луѓето во него, што „по должност“ треба ги заштитува.
Тешки се моментите кога еден човек, одговорен за јавниот ред и мир треба да размисли и да донесе одлука кого и што ќе брани во општество во кое царува мафијата и криминалот, а „заштитниците по должност“, војската и полицијата исклучиво оперираат по законот на слепа послушност. Не е важно дали, како, зошто и против кого се дејствува, а најважно е да се спроведе наредбата. За да нема анархија, нели!
Во време во кое информациите се достапни на дланка, пред сите, да ги видиш, прочиташ, размислиш. Но, ти се сметаш себеси за нерелевантен фактор и решаваш да не се информираш (или да се правиш наудрен), зашто имаш добро платена работа, која бара „само“ извршување туѓи наредби.
Тебе не те интересираат вистинскиот криминал и општествениот грабеж, корупцијата, нарачаните и сокриени убиства, ужасната состојба во образованието и здравството, ниту наспроти сето тоа – протестите и барањата за правда на обични и храбри луѓе, што решиле да се борат за подобра иднина за сите, вклучувајќи ја и твојата.
Или може мислиш, ако почнеш многу да мислиш и размислуваш, тоа ќе те смекне, ќе те промени, ќе те поколеба да извршиш наредба што штити криминал, што автоматски значи дека ќе си го изгубиш и лебот.
Каде е границата кога совеста почнува да работи, да тишти, да не ти дава сон, да те предизвикува на мегдан? Кoja е границата што ти, „чуварот на јавниот ред и мир“, не можеш да ја преминеш? Дали е тоа гласот на поранешната министерка во „бомбите“, каде што отворено говори со омраза кон сѐ што не е ВМРО и заташкува убиства? Или е тоа гласот на тој што сака војна да направи?
ЧЕСТА И ПРАВДИНАТА „ПОМОДРЕА“
Или можеби гласот на „водачот“ Груевски, кој ја крсти и прекрстува земјава, нарачува динамит, шамари, менување Дупови, или разговара за „масерите“ во мерцедесот? Или можеби гласовите на Мијалков и Латас кога хистерично се ситат на апсењето на Бошкоски? Или можеби гласот на Миле (ми текна), кој спокојно говори за местење избори, отворање гласачки вреќи, носење лажни гласачи со лажни лични карти? Која е тенката линија преку која твојата совест нема да пречекори?
Дали „добар, чесен и професионален“ полицаец значи послушен и понизен извршител на секоја наредба? Дали полицаецот што дава наредба за влечење студенти и апсење професори е „добар, чесен и професионален“? Дали актот на насилство врз голораки и исцедени од умор луѓе што се борат за правда и достоинство, е акт на правдина и чесност?
Полицаецот Раст со својата разбудена свест отвора длабоки морални и етички прашања, демаскирајќи го злото во сите нас, но не поштедувајќи се ниту себеси. Зашто „идеалниот полицаец и лош дечко“ од приказните е осамена и трагична индивидуа, отфрлена од системот.
Но, денес веќе не станува збор за судири меѓу религии, идеологии, верувања, а за борба меѓу доброто и злото. Науката, технологијата, знаењата, достигнувањата, уметноста не ќе можат да цветаат во општество забраздено во зло, туку напротив – ќе гнијат. За што сведочат сликите и видеата кога до заби маскирани полицајци исфрлаат освестени, храбри, одлични студенти на УКИМ што отворено протестираат против на дело фатени криминалци и го бранат студентскиот интегритет и глас на најстариот наш универзитет?
Во тој миг, честа, знаењето и правдината „помодреа“ од крвничкиот стисок на униформираниот полицаец – специјалец, пратен да „извршува наредби“, бранејќи криминал. Така, преродбеничката парола за „нивното“ знаење, ВМРО ја запечати со пендрек. Сега „ЕБР е сила, ЕБР е моќ“ силно одекнува низ нашите училници и амфитеатри.
Доаѓа септември. Затоа, драги средношколци и студенти, ако пред вас стојат пендрекот и книгата, добро размислете за која сила и моќ ќе се фатите.