Пад од пет проценти на македонската економија годинава и раст од три проценти следната година, предвидува Европската банка за обнова и развој, во денеска објавената есенска макроекономска прогноза.
Според Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Северна Македонија, тоа е слично со останатите земји од Западен Балкан, како и оние со индустриска база во Централна и Источна Еврoпа.
-По растот од близу нула проценти (0,2%) во првиот квартал, БДП се намали речиси за 13% (-12,7%) во вториот квартал, што значеше дека има големи нарушувања во економијата, преку значително намалување на приватната потрошувачка, инвестициите, договорите за извоз и увоз, вели Аранитаси во интервју за МИА.
Во најновиот извештај, ЕБОР изврши надолна ревизија за 1,5 проценти на БДП за годинава односно за 2,5 проценти за догодина, во однос на прогнозата во мај. Тогаш банката проектираше пад на нашата економија од 3,5 проценти во 2020 и раст од 5,5 проценти во 2021 година.
Во Извештајот се потенцира дека причина за падот од 5,1 процент годинава во регионот на Западен Балкан е резултат на кризата, што се изразува преку колапсот на туристичкиот сектор (особено во Албанија и Црна Гора), нарушувања во глобалните синџири на снабдување и пад на странските директни инвестиции и дознаките од странство. Во текот на следната година се очекува раст од 3,4 отсто.
Од земјите во регионот најгoлем пад на економијата од девет проценти годинава според ЕБОР ќе имаат Албанија и Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина исто како и Северна Македонија од -5 проценти, а Србија од -3,5 проценти.
За следната година ЕБОР прогнозира раст на економиите во Северна Македонија, Србија и БиХ за три проценти, на Албанија за 4,5 проценти, на Косово за 4, а на Црна Гора за 5 проценти.