Маријан Јанкуловски, кој пред да се пензионира работел во УБК, при денешното сведочење за случајот „Таргет и Тврдина“ откри детали од нелегалното прислушување.
Тој пред судот раскажа и како Никола Бошковски, кој е еден од обвинетите, го советувал како да сведочи во истрагата што СЈО ја отвори за нелегалното прислушување.
-Никола Бошковски ми се јави пред да дадам изјава во СЈО и тој и ме однесе до СЈО. Попатно ми кажа што ги прашувале другите колеги и што одговориле и моите одговори да бидат во тие насоки. Ми се јави и кога завршив, истиот ден, дојде да ме земе од дома, отидовме на некој паркинг и ме прашуваше што ме прашувале во СЈО и кои одговори сум ги дал, рече сведокот.
Тој истакна дека по некое време Грујевски му се јавил и Горан Грујевски, исто така сега обвинет.
-Горан Грујевски ми се јави и беше во некаква паника, беше петок, ми рече дека ќе не апселе викендот и дека би било фино со семејството да не бидам во Скопје и дека и тој исто така нема да биде во градот. Јас му реков дека не можам и дека сум дежурен на работа. Тогаш тој ми рече ако случајно има проблем да се јавам кај некој адвокат Перо и ми даде број од тој човек. Потоа имавме уште една средба. Седевме во едно кафуле во Кисела Вода и ми пишуваше на лист што треба да одговорам во СЈО доколку пак ме повикаат, сведочеше Јанкуловски.
В.В.