ДЗСИ: Не утврдивме пропусти при постапките пред смртта на деветгодишното дете

by Fokus

Државниот санитарен и здравствен инспекторат по извршените вонредни инспекциски надзори во врска со починатото деветгодишно дете Н.А. од с. Пеширово-Свети Николе соопшти дека не утврдил пропусти при постапките пред смртта на детето, а пренесе „Канал5“.

„Деветгодишното дете Н.А. со матичен доктор било прикрепено во ПЗУ Д-р Оливер, Свети Николе. Во ординацијата годинава прв пат се јавува на 14.01.2025 година заради болки во стомакот и повраќање, кашлање, висока температура (39Ц) и неспиење претдходниот ден. При преглед детето било поспано, афебрилно, без убедливи знаци за дехидратација. Направени му се лабораториски испитувања по што дадена му е инфузиона терапија во тек на која кај детето настапува сомнолентност со слаба реакција на говор заради што е упатено во ЈЗУ Клиничка болница Штип.

Во ЈЗУ КБ Штип, детето е донесено со такси возило, примено е попладнето околу 18 часот, прегледано е од дежурниот доктор при што е поставена дијагноза сомноленција. Во ЈЗУ КБ Штип, повторно му се извршени лабораториски испитувања и дополнително КТМ на глава. Заради општата лоша здравствена состојба како и наодите од лабораториските испитувања и КТМ, детето во придружба на медицинска екипа (доктор, сестра) со болничко возило транферирано е во ЈЗУ УК за детски болести.

Во ЈЗУ УК за детски болести, детето Н.А. е донесено на 14.01.2025 година во 20:25 часот како итен случај со дијагноза сомноленција по претходна најава и договор за прием со дежурен доктор од Одделот за неврологија на Клиниката.

На прием детето е во општа тешка состојба поради што веднаш е започната со рехидратација и корекции на биохемиски параметри. Во 22:25 часа има дополнително влошување со респираторен и кардиак аррест, започната е реанимација во тек на која е симнато на ОИНТ за понатамошен третман. Состојбата на детето и понатаму се влошува и покрај сите пропратни интервенции, реанимацијата не е прифатена и во 23.30 часот настапува егзитус.

Од извршените вонредни инспекциски надзори во наведените здравствени установи каде починатото деветгодишно дете било лекувано, Државниот санитарен и здравствен инспекторат согласно своите надлежности не констатираше недостатоци, се наведува во соопштението.

извор: Канал5

Поврзани новости