ДЗР: Над милијарда долари ќе плати Mакедонија ако изгуби пет арбитражни постапки

by Fokus

Над милијарда долари ќе треба да плати Македонија ако ги изгуби покренатите арбитражните постапки  по склучените и ратификувани меѓународни договори  за отштета, велат од  Државниот завод за ревизија во извештајот што го објави денес за работењето на Владата во 2021 година.

За какви арбитражни постапки станува збор не се наведува, но сумата, според ДЗР, ќе има големи импликации на буџетот на државата.

„Координативното тело за следење на арбитражните постапки, кои произлегуваат од склучените односно ратификуваните меѓународни договори на Република Северна Македонија, изработило анализа и утврдило дека доколку државата ги изгуби споровите, вкупен износ на средства што потенцијално би требало да се платат се во износ од 82.267.500 илјади денари  или 945 милиони евра и 420 милиони долари, што ќе има импликации врз Буџетот на државата во наредни години. Ревизијата укажува на потреба за утврдување на причините поради кои се покренати арбитражни постапки, со цел утврдување на одговорност“, стои во извештајот на ДЗР.

Според ревизорите во период од  2018 до 2022 година во тек се пет арбитражни постапки против Република Северна Македонија, за кои исплатени се средства за адвокатски услуги во вкупен износ од 959.917 илјади денари односно 15,6 милиони евра.

„Истакнуваме дека во текот на ревизијата во декември лани донесена е пресуда за една арбитражна постапка, спор кој произлегува од Договорот за купопродажба на акции и концесија склучен на 08.05.1999 година помеѓу Република Северна Македонија и инвеститорот Хеленик Петролеум, во корист на тужителот, врз основа на која Владата треба да исплати буџетски средства во вкупен износ од 21,5 милиони долари, иако побаруваниот износ од страна на тужителот бил во висина од 42,6 милиони долари од кои 31,6 милиони долари на име главен долг и 11 милиони долари на име затезна камата“, објави Државниот завод за ревизија.

Во текот на ревизијата потпишана е спогодба за порамнување за намирување на долгот кој произлегува од арбитражниот спор во врска со Договорот меѓу Владата на Република Индија  како должник и Владата на Република Македонија, согласно која должникот треба да уплати износ во корист на Владата од 858 илјади евра на 4 рати, при што потпишувањето на спогодбата е условено со уплата на прва рата од 250 илјади евра, која е извршена во јануари оваа година врз основа на добиено известување на Министерството за финансии.

„Генералниот секретаријат на Владата во текот на 2021 година има исплатено средства за ангажирање на 77 лица врз основа на авторски договори во текот на целата година, во вкупен износ од 22.807.000  денари. Притоа, дури 31 лице се ангажирани за реализација на прес активности, медиа мониторинг, фотографирање на настани, монтажа на видеозаписи, графички дизајн, изработка и објавување содржини и информативни видеоматеријали на социјални медиуми и како техничко лице за тон и видео за техниката во Владата, кои активности согласно член 12 став 2 од Законот за авторското право и сродните права се сметаат за авторско дело. За овие лица во текот на 2021 година исплатен е надоместок во износ од 11.321.000  денари. Бројот на ангажирани лица со авторски договори во текот на 2022 година е намален и изнесува 46 лица“, стои во ревизорскиот извештај. .

Поврзани новости